Какви ќе бидат ефектите од гасификацијата?

15.03.2015 17:58

Намалени трошоци за граѓаните и компаниите, зголемена конкурентност на домашните фирми, ангажман за градежната оператива, поевтино производство на електрична енергија. Ова се очекуваните ефекти од гасификацијата на земјава, проект кој почна да се реализира на терен...

Зајакнат ангажман за градежната оператива, зголемена потрошувачка и пониска цена на гасот, но и креирање  економски амбиент атрактивен  за  странските инвеститори. Изградбата на магистралниот гасовод  на правецот од Клечовце кон Неготино, според експертите  ќе донесе бројни  придобивки кои се однесуваат на повеќе сектори.

„Се отвараат нови потенцијали за работа. Градежната оператива има определен временски период што е добро. Второ имаме можност со гас да се снабдува источниот дел од земјава ,да се забрза индустрискиот развој на тој дел ,слободните зони кои се таму предвидени ќе добијат поевтин енергент и уште повеќе тој дел станува атрактивен за странските инвеститори“, смета д-р Константин Димитров, универзитетски професор.

Енергетичарите се едногласни, секоја земја со скромни ресурси мора да обезбеди пристап до евтини извори на енергија, доколку сака нејзината индустрија да создава  производи конкурентни на странските пазари.

„Македонија мора да купи енергија, Македонија мора да штеди енергија, затоа што ја нема и таа што мора да ја купи ќе ја купи на пазарот најевтино. За да може производите кои ќе ги направи со таа енергија да бидат евтини и конкурентни на пазарот. Овие 5 постулати се применливи во секој енергетски сектор“, објаснува Зоран Грков- енергетски експерт.

Новиот гасовод ќе овозможи подобро искористување на постојниот, вели Грков. Треба да се размислува долгорочно ,затоа што неговата инфраструктура овозможува паралелно да минуваат уште неколку цевки со далеку поголем капацитет во правецот Север-Југ .

„Тоа е веќе голема добивка, да се искористи истата траса. Димензијата на овој цевковод не е доволна за она што ние би сакале да се случи Турски тек да мине кон Србија, Унгарија, Европа“, нагласува д-р Димитров.  

Магистралниот гасовод Клечовце - Штип  долг 61 километар треба да биде завршен до јуни 2016-та, а неговата вредност надминува 75 милиони долари.

 

Свето Николовски