Тече рокот за доставување бизнис – планови до Фондот за иновации

15.03.2015 18:16

Иновативните идеи може да добијат грант во износ и до 30 илјади евра. Целта е да се создадат производи со повисока додадена вредност. Таргет се микро, малите и средните фирми, кои реално и најтешко доаѓаат до финансии...

Презентираниот инструмент за кофинансирање на грантови за старт-ап, спин оф трговски друштва и иновации има за цел да ја поттикне иновативноста на младите претпријатија и да им се даде подршка на иновативните решенија на претпријатијата кои што имаат висок потенцијал за раст. Фондовите се отворени за сите сектори, а услугата што се нуди не се однесува само на производ, туку за секоја новина што ќе биде воведена во компанијата.

„Сакаме да охрабриме посебно воведување на истражување,на активности од типот на истражување,развој и нивна апликација во бизнис секторот.Значи финансирање на активности кои што се од идеја до реализација,од идеја преку експериментална фаза до прототипот,до тестирањето и пласирањето на пазарот“, вели Катерина КречеваФонд за инвестиции и технолошки развој.

Во Македонија има луѓе со огромен број на идеи, но она што недостасува се финансиските средства за нивна конкретна реализација, сметаат иноваторите.

„Конкретно сум заинтересиран да видам дали средствата се наменети за вадење на дозволи,за да отпочне некој вид иновација или нешто слично или конкретно да се почне реализација на таа иновација.Ако се даваат средства за реализација на иновацијата тогаш работата може да тргне“, вели Игор Малескииноватор.

Охридската локална самоуправа е подготвена да им пружи конкретна помош на иноваторите при подготовката на апликациите.

„Оние претпријатија кои што се старт-ап, кои што не постојат повеќе од шест години, а по дефиниција тоа се млади луѓе, со млади претпријатија кои што сакаат и те како да постигнат нешто, имаат идеи, имаат можности,почнале со работа, меѓутоа им треба една финансиска инекција, финансиска помош“, вели Ангел Јанев, заменик градоначалник на Охрид.

Кај компаниите постојан е проблемот со средства и грантови од една страна, меѓутоа постојан е и недостигот од проекти подготвени на начин кој што го бараат македонските и странските фондови. Поради тоа многу пати се случува пари да има,а да не можат да се повлечат.

 

Сашо Нелоски