По хеликоптерската несреќа- Ден на жалост во Србија
Леталото било исправно, со опрема за ноќно летење и за лоши метеролошки услови. Хеликоптерот три пати безуспешно се приземјувал во услови на густа магла, пред да се урне блиску сурчин. Бил управуван од најискуните пилоти во српската војска...

Едно хумано дело се претвори во трагедија која ја потресе Србија. Граѓаните се во шок. Во несреќата загинаа 7 припадници на српската војска, пилоти и здравствени работници. Транспортниот хеликоптер МИ-17 бил ангажиран во спасувањето на мало бебе, кое поради лошата здравствена состојба мораше итно да патува од Нови Пазар за Белград. Леталото било исправно, со опрема за ноќно летење и за лоши метеролошки услови. Хеликоптерот три пати безуспешно се приземјувал во услови на густа магла, пред да се урне блиску сурчин. Бил управуван од најискуните пилоти во српската војска.
„Имаат досега спасено илјада животи во акциите на спасување од поплави, пожари, снежни виулици но, за жал, животот на бебето родено пред 5 дена не успеаа да го спасат. И за тој потфат го дадоа животот“, изјави Љубиша Диковиќ, началник на Генералштабот на српската војска.
Во хеликоптерот се наоѓала и црна кутија која е пронајдена. Формирани се две комисии да ја утврдат причината за несереќата.
„Одговорност има. Јас ја чувствувам. Како и сите мои соработници. Не ја споделуваме. Но, секој е одговорен за својот дел. Кој колку- ќе утврди истрагата“, додава Диковиќ
На денешната комеморација за настраданите присуствуваше целиот државен врв.
Сведок за лошите временски услови за време на несреќата беше и вашиот дописник. Имено, рефлекторите на сите 4-5 градски стадиони во Белград околу полноќта беа запалени со цел да помогнат на храбриот екипаж да го спаси бебето. Белграѓани не беа свесни каква трагедија се случува во тие моменти. За жал, сето тоа не помогна. Денеска е ден на жалост.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
