Кошарка – АБА лига

МЗТ Скопје и Цибона во 21 часот го затвораат претпоследното АБА коло

15.03.2015 18:43

Сигурно во поинакви услови овој дуел би бил вистински магнет за љубителите на кошарката, но со оглед што во своите најслаби сезони досега и двата тима се далеку од посакуваните позиции, објективно е дерби на дното на табелата...

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва во 21 часот го имаат последниот натпревар на свој терен сезонава. Противник им е Цибона, поранешен двоен европски шампион и минатогодишен победник во  АБА лигата. Сигурно во поинакви услови овој дуел би бил вистински магнет за љубителите на кошарката, но со оглед што во своите најслаби сезони досега и двата тима се далеку од посакуваните позиции, објективно е дерби на дното на табелата. МЗТ е претпоследен со само 6 победи, а Цибона место погоре со 9 победи во 24 настапи.

Иако и евентуален успех ништо посебно нема да смени на табелата, амбициите на "штрковите" се реванш за поразот во 12 коло и збогување со победа пред своите гледачи во пресрет на последното коло и гостувањето кај лидерот Црвена Звезда. Победа која би била првенец за петтиот тренер на клупата Алеш Пипан, кој најави поправање на грешките од претходните натпревари. Од друга страна "волците" од Загреб се надеваат на крај на ужасно лошата серија од 9 порази во последните 10 мечеви и можност за место погоре на крајот на сезоната. Нашиот интернационалец Владо Илиевски најавува дека неговиот тим доаѓа во Скопје по еден период на консолидирање на редовите и со мотиви конечно да ја прекинат серијата порази.

Натпреварот МЗТ Скопје Цибона се игра вечерва во СЦ "Јане Сандански" со пренос на Собранискиот сервис.