Одбележан денот на Свети Патрик во САД

16.03.2015 12:55

Заедништвото на Американците се покажува на дело за време на парадата за Свети Патрик, со присуството на луѓе од разно етничко потекло покрај Ирците. Парадата во чест на празникот со кој се обележува љубовта, надежта, верата и среќата традиционално по 44 пат се одржа во Вашингтон...

На Денот на Свети Патрик сите сме Ирци, под ова мото Американците го обележаа празникот на светецот заштитник и основоположникот на христијанството во Ирска. Иако ирците се првите пионери во основањето на Америка, на парадите во чест на Свети Патрик присуствуваат повеќе Американци отколку Ирци по потекло.

„Сите ние сме Ирци на овој ден. На оваа парада најверојатно околу 30 проценти се Ирци по потекло, а останатите се Американци коишто помагаат во прославата на Свети Патрик и оддавањето почит кон придонесот на Ирците во американското општество“, вели Том Хардиорганизатор на парадата за Свети Патрик во Вашингтон.

Воени оркестри, полициски коњаници и возила, противпоќарни возила и танц групи коишто го негуваат ирскиот фолклор, се дел од учесниците во парадата во главниот американски град. Некои посетители дојдоа дури и од Тексас за да присуствуваат на парадата во Вашингтон.

„Ми се допаѓа. Учествувам во парадата за Свети Патрик откако станав пожарникар во 1977-та. Тогаш се одржа првата парада и оттогаш секоја година учествувам во неа.“

„Моите два синови Дејвид и Дени имаат 9 години и ова е втора година како учествуваат на парадата во состав на танцувачката група за глуви деца.“

„Прекрасно е. Навистина уживам во парадата“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Симболот на Свети Патрик- детелинката ја претставува надежта, љубовта, верата и среќата кон која тежнеат сите луѓе. Паради за Свети Патрик традиционално се одржуваат и во Сан Франциско, Бостон, Њујорк и други американски градови.

Парадата на Свети Патрик го навестува доаѓањето на пролетта во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ