Русија: Локализиран пожарот во манастирот во Москва
Пламените јазици се појавиле одеднаш, и биле големи од 30 до 70 метри. Во оганот гореле дрвените делови на камбанаријата. Во гаснењето на огнената стихија учествувале над 100 пожарникари и 29 противпожарни возила...

Локализиран е пожарот во камбанаријата на Новодевствениот манастир во Москва, местото на крунисувањето на руските цареви и почивалиштето на најеминентните руски великодостојници.
Пламените јазици се појавиле одеднаш, и биле големи од 30 до 70 метри. Во оганот гореле дрвените делови на камбанаријата. Во гаснењето на огнената стихија учествувале над 100 пожарникари и 29 противпожарни возила.
„Го ставивме огнот под контрола. Имаше повеќе жаришта, но за среќа, не успеа да се прошири и во другите простории. Екипите за вонредни ситуации ќе поведат истрага за пожарот“, изјави Александер Гаврилов, заменик-директор на противпожарна служба.
Се уште не се познати причините, но неофицијално станува збор за невнимание. Одделот за културно наследство на Москва го обвини претприемачот дека недоследно ја спроведувал реставрацијата.
Женскиот манастирот кој датира од 16 век, од времето на московскиот барок, е под заштита на УНЕСКО и е една од најзначајните туристички атракции во Москва.
Во дворот на манастирот се наоѓаат и гробниците на голем број руски и советски истакнати личности.
Тука е погребан и првиот претседател на Русија, Борис Елцин, како и познатиот писател Антон Чехов. Во манастирот биле интронизирани повеќето цареви од династијата Романови.
Марија Петковска
