Промовирана евровизиската „Лисја есенски“
Промовиран видео записот на Даниел Кајмакоски, македонскиот претставник на Евросонг што ќе се одржи во мај во Виена. Во студиото М1 на Македонската радиотелевизија, спотот први го видоа новинарите. Кајмакоски ќе пее на англиски...

„Лисја есенски“ доби целосно нов аранжман, звук кој треба на нозе да ја крене евровизиската публика во Виена. Нашата песна и видеозаписот за неа, промовирани премиерно пред новинарите во студиото М1 на Македонската радио телевизија.
Рефренот на англиски јазик звучи еднакво добро како и на македонски. Највозбуден е Даниел Кајмакоски. Ги очекува реакциите на публиката.
„Најбитно што сакавме да постигнеме е да бидеме оваа година помодерни и поразлични. За тоа се потрудивме и еве ќе видиме какви ќе бидат реакциите и од публиката и од новинарите. Се надевам дека ќе бидат позитивни“, изјави Даниел Кајмакоски.
По победата на Кончита, на Виена и претстои предизвикот да биде домаќин на 60-то издание на Европскиот музички фестивал. Двете полуфинални вечери се закажани за 19-ти и 21-ви мај, а финалето за 23-ти мај. Даниел вели дека секој пејач мечтае да настапи на ваков музички спектакл.
„Евровизија ми се врти долго време во глава, од кога сум мало дете, сега дојде моментот да си ја претставам својата земја, како што сакав секогаш. Секогаш поинаку си го замислува човек тоа, од како што е, не си го замислува тој напор или тој труд кој следи и кој не чека. Сепак пред се сметам дека е огромно задоволство“, вели Даниел.
Целиот видеозапис за првпат ќе биде емитуван ексклузивно во првиот Дневник на Македонската телевизија во 17 часот, во којшто ќе гостува Кајмакоски.
Александра Перевска
