УЈП: Сè можеш да заборавиш, ама данок не!
Редици пред шалтерите на УЈП. Остануваат уште 3 часа за поднесување годишна даночна пријава. Досега до канцелариите на даночниците се поднесени 388 илјади пријави. Се очекува бројката да се искачи на 420 илјади...

Сè можеш да заборавиш, ама данок не! Девизата на Управата за јавни приходи се потврди на терен. На последниот ден за поднесување годишни даночни пријави, за остварени дополнителни приходи во текот на 2014-та година, ред пред шалтерите на даночниците. Македонски табиет или многу обврски – секој со своето објаснување зошто се чекал крајниот рок.
„Како и секогаш во Македонија се чека последниот ден. Секогаш си велиме дека има време, сè до последниот момент кога веќе мора да се заврши обврската“
„Јас доцна ги добив документите од фирмата. Не навлегувам во тоа дали давачките се мали или големи, се работи за наша обврска“
„Ова ми е прва година како вработен и подоцна се информирав што треба да направам, а и доцна ми стасаа документите од другата фирма“ – велат граѓани за МТВ.
Даночниците со полни раце работа. Собрааповеќе од двојно пријави во однос на лани, бидеќи сите кои добија регрес за годишен одмор, односно популарниот К-15, мораа да пријават данок.
„До денес имаме примени 388 илјади годишни даночни пријави, повеќе од двојно во однос на лани. УЈП знаеше дека ќе има зголемен број даночни обврзници коишто ќе си ги пријват приходите, се подготвивме и сè мина во најдобар ред. Очекуваме бројката на поднесени ГДП да достигне 420 илјади“ – изјави Михајло Михаилов, раководител на Контакт центаротна УЈП.
Ако остварувате приходи само по основ на плата, пензија, земјоделска и самостојна дејност или сте имале среќа во обложувалница не сте обврзани да поднесете даночна пријава, но ако имате екстра приходи по други основи, тогаш имате обврска пред даночниците. Казните за неподнесување ГДП се движат од 500 до 1.000 евра.
Мартин Пушевски
