Груевски: Правна завршница за случајот „Пуч“
Власта е подготвена за дијалог врз принципиелни основи, но, не со условувања и уцени. Сето ова што се случува ќе заврши со правна постапка- порача премиерот Груевски на собирот во Скопје и апелираше до членството на СДСМ да не подлегнува на провокации за дестабилизација на земјата. За подобар живот на граѓаните најави дека ќе одат од дом во дом и да ја кажуваат целта за која се борат...

„Заев е директно инволвиран во дестабилизацијата на Македонија и одработува агенда која и самиот не ја разбира“, рече Груевски на вчерашниот собир во спортскиот центар Борис Трајковски. На политичкиот опонент му порача дека времето му истекува. Груевски додаде дека нема да дозволи опозицијата да ги потпали и меѓуетничките односи и апелира до членството на СДСМ да не подлегнува на провокации за дестабилизација. „Сето ова што се случува ќе заврши со правна постапка според законите. Власта е подготвена за дијалог врз принципиелни основи, но, не со условувања и уцени“, рече Груевски.
„Правна постапка за секој за кој има сомневања и докази дека го прекршил законот, и за кој институциите на системот за кои ме радува што побараа и меѓународен мониторинг, а тоа и ние го поддржуваме, ќе ценат за што какви докази постојат и совесно и самостојно ќе одлучуваат“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Република Македонија, Никола Груевски.
„Ова што и се случува на Македонија не е праведно, но, ни преостанува со дела да се бориме за државата“, рече Груевски. За подобар живот на граѓаните најави дека ќе одат од дом во дом, да разговараат и да ја кажуваат целта за која се борат - повеќе работни места, добра инфраструктура, подобро образование и здравство, повеќе пари за земјоделците, за пензионерите, за администрацијата, вработувања, поквалитетни услови за студентите.
„Тоа за некои е патриотизам, за некои е волја, желба, љубов, за некои должност и обврска. Како сакате наречете го. Тоа е во сите нас. Тоа тлее во сите граѓани на Македонија и затоа знам дека нема да успеат, затоа знам дека Македонија ќе биде посилна после сето ова, затоа знам дека тој што го наумил сето ова јако се излажал, силно не потценил сите нас, тој што го наумил сето ова не ја зел предвид љубовта на нашиот народ кон сопствената држава и иднина“, нагласи Груевски.
Со масовната присутност на собирот, според проценките над 30 илјади, народот ја испратил пораката кому му верува и кого го поддржува.
Наташа Гркова- Петрушевска
