Предвремени парламентарни избори во Израел
17.03.2015 10:02
Овие избори се организираат неполни две години по претходните, редовни избори, одржани во 2013 година, откако пред крајот на минатата година, се распадна дотогашната владејачка коалиција...

Во Израел денеска се одржуваат предвремени парламентарни избори, на кои главната битка ќе се води меѓу владејачката партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанијаху и центролевичарската Ционистичка Унија, создадена за овие избори, од израелската Лабуристичка партија на Јицак Херцог и партијата Хатнуа на Ципи Ливни.
Овие избори се организираат неполни две години по претходните, редовни избори, одржани во 2013 година, откако пред крајот на минатата година, се распадна дотогашната владејачка коалиција, предводена од десничарскиот Ликуд.
Последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека Ционистичката Унија на Херцог и Ливни, која е копретседател на оваа алијанса, има најголема поддршка меѓу израелските гласачи, но дека ниту една од двете главни партии не би требало да смета на повеќе од 25 отсто од гласовите.
Тоа би значело дека опозицијата би можела да освои најголем број пратенички места, но и дека Нетанијаху може да остане израелски премиер благодарејќи на проприционалниот систем на гласање што им овозможува на повеќе мали партии да влезат во Кнесетот, а најбројната меѓу нив да има клучна улога при правењето на владејачката коалиција.
