Виена- најдобар град за живеење

17.03.2015 13:29

Според квалитетот на животот, австриската метропола е на првото место. Не е препознатлива само по шницлата и чоколадните Моцарт топчиња. Фасцинира и со архитектонските барокни дела...

Виена брои речиси 1,75 милиони луѓе. Секој четврти Австриец живее во главниот град. Според многу статистики градот е на прво место во светски рамки по квалитетот на живот. Виена шеста година по ред е најдобар град за живеење во светот, покажа традиционалното истражувањето на консултантската компанија Мерсер.

Во првите десет градови во кои добро се живее се наоѓаат и Цирих, Минхен, Диселдорф и Франфурт. Главниот град на Австрија може да се пофали со богат културен живот, сеопфатно здравствено осигурување и умерени цени на становите.

„Треба само да разгледате наоколу, ова е прекрасен град. Виена е безбедна повеќе или помалку. Она што е интересно е дека има различни култури. Можете да излегувате секоја вечер. Имате различни можности- концерти, балет, опера, но од друга страна има и многу клубови за младите луѓе, навистина има многу можности“, вели Ингбург Лугер, сопственик на магазин за балет.

Ако на големите светски метрополи им недостасува зеленило, тоа не е случај со Виена. Тука има 2 илјади паркови и секогаш постои можност некаде во близина да се релаксирате. 

Овде се функционира со автомати. Метрото, трамваите, бензинските пумпи, велосипедските пунктови. Виена има висок степен на јавни транспортни услуги, со над 4.500 станици низ градот. Градскиот транспорт чини едно евро дневно ако се извади годишен билет.

„Има многу зеленило, Виена е опкружена со зеленило. Секаде наоколу има паркови, полиња, има добар воздух... Сеуште има малку криминал, стандардот е добар, добро е да се остане така, бидејќи е многу убав град“, велат жителите кои ги анкетиравме.  

Виена не е само виенска шницла, Захер торта или Моцарт топчиња. Таа е многу повеќе. Тука сите брзаат, а никој никому не му пречи, без разлика дали се пеш или со возила. Совршен ред во навидум хаотичното движење.

Австриската раскошна престолнина фасцинира со неповторливите архитектонски дела во барок. Многу малку градови во светот егзистираат толку упорно помеѓу минатото и сегашноста како Виена. Годишно ја посетуваат околу 5 милиони туристи.

 

Сунчица Николовска