Стартува градбата на гасоводот ТАНАП

17.03.2015 13:34

Станува збор за заеднички проект на Турција и Азербејџан, кој минува преку Грузија и Турција до границата со Грција, каде што се дели на два крака. Едниот ќе води кон север, ќе минува низ Бугарија и Романија, а вториот преку Грција и Албанија ќе продолжува под Јадранското море кон Италија...

Почнува градбата на уште еден голем трансконтинентален гасовод. Во провинцијата  Карс, во близина на турско- грузијската граница свечено ќе биде поставен камен темелникот на ТАНАП- Трансанадолскиот гасовод.

Станува збор за заеднички проект на Турција и Азербејџан, кој минува преку Грузија и Турција до границата со Грција, каде што се дели на два крака. Едниот ќе води кон север, ќе минува низ Бугарија и Романија, а вториот преку Грција и Албанија ќе продолжува под Јадранското море кон Италија.

ТАНАП годишно би требало да транспортира 16 милијарди кубни метри природен гас од полето „Шах дениз“ во азербејџанскиот дел на Каспиското езеро. Проектот се проценува на 10 до 11 милијарди долари, а треба да биде завршен до крајот на 2018-та.

На свеченото почнување на градежните работи ќе присуствуваат претседателите на Турција, Азербејџан и Грузија, како и министрите за енергетика на Македонија и на Србија, Незири и Антиќ.

Балканските земји се заинтересирани за приклучување на ТАНАП со што би обезбедиле диверзификација во снабдувањето со природен гас.

Проектот го поддржуваат и Хрватска, Црна гора и БИХ кои планираат градба на посебен крак преку Албанија.

 

Свето Николовски