Политичката состојба во Македонија пред Комисијата на ПССЕ

17.03.2015 14:06

Бојкотирањето на парламентот е бојкот на демократијата, изјави веднаш по состанокот, шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт...

Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), поточно Комисијата за следење на обрските на земјите членки на Советот на Европа, денес ја разгледа информацијата и расправаше за ситуацијата во Македонија.

Веднаш по состанокот, за МРТ изјава даде шпанскиот парламентарец Педро Аграмунт:

„Ние сме многу загрижени поради ситуацијата во која опозицијата не сака да заседава во Парламентот. Тоа е нешто кое никогаш не треба да се прави. Во демократијата тоа е најлошото нешто. Бидејќи ние сме избрани да работиме како парламентарци. Сите акции треба да се водат во Парламентот, опозицијата има право да каже сé, но во Парламентот. Бојкотирањето на парламентот е бојкот на демократијата“, изјави Аграмунт.

Работата на оваа по значење најважна комисија на ПССЕ, се одвива зад затворени врати, па така информациите моравме да ги бараме од самите пратеници, бидејќи документите и дебатите се тајни и класифицирани.

На паузата некои од парламентраците, не само од регионот, туку и од други земји во Европа, не го криеа изненадувањето дека јавно се објавуваат недозволени снимки од телефонски разговори, додавајќи дека во многу европски земји, па и во нивните имало случаи на прислушувања, но ретко кога тие снимки биле јавно изнесувани во толку голем обем.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ