Француските стручњаци повторуваат: Арафат не бил отруен
Историскиот лидер за независна Палестина почина во 2004 година, на возраст од 75 години, во воената болница близу до Париз,каде што беше префрлен на лекување поради болки во желудникот...

Поранешниот палестински лидер Јасер Арафат не бил отруен, покажале најновите форензички анализи на француските стручњаци кои повторно ги отфрлија тврдењата дека е отруен со полониум, објави судот во градот Нантер.
Анализата на влакната од гробот на Арафат покажала дека полониумот-210 потекнува од околината, изјавила државната обвинителка Катрин Дениз. Историскиот лидер за независна Палестина почина во 2004 година, на возраст од 75 години, во воената болница близу до Париз,каде што беше префрлен на лекување поради болки во желудникот. Најновите резултати ги потврдија претходните од 2013 напаравени од француски и руски стручњаци, пишува агенцијата ДПА.
Арафатовиот гроб беше отворен во 2012 година, а примероците беа поделени на три тима-француски, швајцарски и руски. Швајцарците откриле полониум -210 на личните работи коишто и биле предадени на неговата вдовица, но сепак не утврдиле дали бил отруен. Незадоволната вдовица Суха Арафат се обратила во судот во Нантер и кога стручњаците потврдиле дека не бил отруен, искоментирала дека француската истрага е исполитизирана и побарала нова.
Со полониум-210 во 2006 бил отруен поранешниот припадник на руската разузнавачка служба Александар Литвиненко кој беше политички противник на претседателот Путин.
