Брисел до крајот на месецов ќе испрати набљудувачи за случајот „Пуч“

17.03.2015 16:56

Европската комисија потврди дека ја примила поканата од македонското обвинителство, Брисел да испрати набљудувачи за случајот „Пуч“. Сепак, не коментира дали се разгледува можноста и за присуство на правни експерти кога ќе почне судскиот процес...

До крајот на месецов во Македонија доаѓа групата европратеници која ќе го набљудува случајот „Пуч“. За имињата допрва ќе одлучуваат политичките групи во  Европскиот Парламент, објасни портпаролката на Еевропската Комисија.

„Да, можам да потврдам дека добивме „покана“ испратена од страна на јавниот обвинител. Но, исто така, можам да кажам дека комесарот Хан истото ова го кажа во Европскиот Парламент минатата недела, дека секоја иницијатива преземенa од страна на групите на европските политички партии и индивидуални членови на Европскиот Парламент, да се помогне да се надмине кризата и ја поздравуваме нивната подготвеност за повеќе да се ангажираат“, изјави Маја Коцијанчич, портпарол на Европската Комисија.

Во овој контекст, според Коцијанчич, првиот состанок на работната група од Европарламентот треба да се одржи со претставници на партиите пред крајот на месецот и Комисијата ќе работи во тесна соработка со членовите на Европскиот Парламент во овој поглед. И покрај ова, Европската Унија упати порака до македонските политички партии.

„Но, говорејќи генерално, политичката обврска останува, сепак, на партиите во Македонија да покажат одговорност и да се вклучат во конструктивен дијалог за надминување на сегашниот ќорсокак и да се фокусираат на стратешките приоритети на земјата и сите нејзини граѓани“, нагласи Коцијанчич.

Коцијанчич не сакаше да каже дали европската комисија ќе испрати правни експерти за да го набљудуваат судскиот процес за случајот „Пуч“.

 

Катерина Топалова