Шанса на генерацијата!
Од утре до сабота нашата селекција ќе биде домаќин на квалификациска група за Европското првенство во Србија во 2016-та, а тоа ги подгрева надежите за учество во септемврискиот бараж...
Футсалот е мал фудбал, но за само пет натпревари може да ни донесе голема радост. Од утре до сабота нашата селекција ќе биде домаќин на квалификациска група за Европското првенство во Србија во 2016-та, а тоа ги подгрева надежите за учество во септемврискиот бараж. Во него ќе играме ако бидеме втори или најдобри третопласирани од седумте групи. Клучен е утрешниот натпревар со Унгарија, затоа што против Швајцарија в четврток сме фаворити, а против Шпанија в сабота аутсајдери. „Армадата“ е недостижна, но со оглед на поддршката во арената „Борис Трајковски“, македонските футсал репрезентативци сметаат дека можат да остварат две победи и да ја искористат шансата.
„Уште кога беше направена жрепката во Нион реков дека добивме поволна група. Некои велат дека ова е историска шанса, но јас би рекол дека е шанса на генерацијата“, изјави селекторот на македонската футсал репрезентација Васко Скендеровски.
„Со добрите резултати во последно време, успеавме да се пробиеме од претквалификациите во третиот квалитативен сад, а со тоа да имаме директен настап во квалификациите. Оваа репрезентација ја градиме пет години и сега имаме шанса“, смета капитенот Зоран Левески.
