Израел решава меѓу безбедноста и помирувањето
Нетанјаху, во обид да ја затвори разликата во гласовите, ден пред изборите упати драматичен повик дека ќе спречи создавање на Палестинска држава и поделба на Ерусалим. Предупреди дека Арапите масовно гласаат, а левицата ги носи со автобуси, на што противниците одговорија дека игра на картата на стравот истовремено загрозувајќи ги врските на Израел со САД...

Израелците гласаат на парламентарни избори клучни за Блискиот исток. Излезните анкети покажуваат тесна трка, но и можност актуелниот премиер од десницата Нетанјаху да ја изгуби власта од лево-центристичкиот Исак Херцог. Израел е соочен со два концепти за својата иднина – националистичкиот кој на прво место ја става безбедноста од една страна и економските прашања и подобрување на односите со Палестинците од друга страна.
„Се надевам на промена, дека ќе добиеме рационална влада што ќе ги обнови односите со САД, што ќе ги реши нашите социјални проблеми и најважно, да постигне договор со Палестинците.“
„Нетанјаху беше добар премиер изминатите шест години, се грижеше за нашата безбедност. Би сакал да му дадам шанса повторно“, велат гласачите.
Нетанјаху, во обид да ја затвори разликата во гласовите, ден пред изборите упати драматичен повик дека ќе спречи создавање на Палестинска држава и поделба на Ерусалим. Предупреди дека Арапите масовно гласаат, а левицата ги носи со автобуси, на што противниците одговорија дека игра на картата на стравот истовремено загрозувајќи ги врските на Израел со САД.
„Вистината е јасна и проста. Ако победи Ципи Ливни или Исак Херцог, на овие ридови ќе биде воспоставен Хамастан 2“, рече Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Кој сака да го продолжи патот на Нетанјаху кон очај и разочарување, нека гласа за него“, нагласки Исак Херцог, лидер на Ционистичката коалиција.
До сега ниедна партија не освоила мнозинство во 120-члениот Кнесет и наредниот премиер ќе биде решен со коалиција. Нетанјаху, дури и да заврши на второ место, неговата Ликуд ја има поддршката на другите десничарски и верски партии, а од друга страна, на изборите учествуваат и арапски партии, кои првпат се обединија во една листа и може да освојат 13 мандати и да ги зацврстат позициите на Херцог.
Ивана Салтировска
