Украина- најголем предизвик за ОБСЕ

18.03.2015 10:11

ОБСЕ успева да се справи со предизвиците во Украина и не е потребно да има и набљудувачка мисија на Обединетите нации, е заклучокот од „Деновите на безбедноста“ што се одржа надвор од седиштето во Виена, во главниот американски град. Претставници од 45 земји членки на ОБСЕ побараа решението за кризата во Украина да се бара во вклученоста на сите инволвирани страни во конфликтот...

Ситуацијата во Украина со анекцијата на Крим е нарушување на меѓународниот ред и најголем предизвик за безбедноста во Европа. ОБСЕ ќе ја засили набљудувачката мисија во Украина со воени набљудувачи коишто треба да вршат мониторинг на примирјето, објавија првите луѓе на Организацијата за безбедност и соработка на Деновите на безбедност во Вашингтон.

„Имаме голема набљудувачка мисија во Украина, што е многу важно бидејќи оваа мисија ефективно е очите и ушите на меѓународната заедница. Работиме во екстремно поларизирана атмосфера поради влијанието на медиумите врз конфликтот“, изјави Ламберто Заниер- Генерален секретар на ОБСЕ.

„Минатата недела се заврши една презентација на барање на заедничка основа за решение и консензус, кога ОБСЕ ја усвои одлуката за продолжување на мандатот на набљудувачката мисија во Украина за една година“, рече Дејан Шаховиќ- Национален координатор за српското претседателство со ОБСЕ.

Украина во последната година направи поголема поделеност Запад- Исток меѓу земјите членки. Иако и  украинските и руските власти признаваат дека примирјето и договорот од Минск не се почитува, сепак имаат дијаметрално различни ставови како да се дојде до дипломатско решение на кризата.

„Украина побара од Обединетите нации и од Европската унија да распоредат мировна мисија за да се осигура спроведувањето на Договорот од Минск“, вели Александар Мотсјак- амбасадор на Украина во САД.

„Се согласувам дека Договорот од Минск е основа за решение, но тој треба да биде спроведен од двете страни. Тоа значи и од властите на Украина, што не гледаме дека е случај“, нагласи Сергеј Кислјак, амбасадор на Русија во САД.

Комуникацијата меѓу земјите мора да се засили бидејќи светот се соочува и со безбедносни закани од тероризмот, заклучија претставниците на 45 членки на ОБСЕ на самитот во Вашингтон.

Германија како иден претседавач со ОБСЕ најави дека главен приоритет ќе биде враќањето на довербата меѓу Украина и Русија.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ