Нуланд во Атина не разговарала за името

18.03.2015 13:26

Нуланд и грчкиот државен врв, дискутирале и за безбедносните и одбранбените прашања, за Украина, за меѓународната антитерористичка коалиција, како и за енергетските прашања...

Во Атина не е разговарано за името, барем таква информација нема во соопштението од Американската амбасада во Грција, по вчерашните средби на американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија, Викторија Нуланд, со грчкиот премиер Алексис Ципрас, шефот на дипломатијата Никос Коѕиас и министерот за одбрана Панос Каменос.

Како што натаму пишува во официјаниот допис на Вашингтон, било разговарано за билатералните и регионалните прашања. Нуланд ги оценила разговорите како многу добри, и порачала дека Вашингтон посакува Грција да излезе од економската криза, за да може да преговара со финансиските институции.

Нуланд и грчкиот државен врв, дискутирале и за безбедносните и одбранбените прашања, за Украина, за меѓународната антитерористичка коалиција, како и за енергетските прашања.

Нуланд изјавила дека САД се благодарни за солидарноста меѓу Вашингтон и Брисел за  санкциите кон Русија, за што и Атина одиграла своја улога за постигнување консензус.

На мини турнејата во регионот, Нуланд денеска има средби во Љубљана, а потоа заминува за Рим.