Унгарија е „клуч“ за баражот!
За да се оствари тоа најзначаен е денешниот дуел против Унгарија. Противникот е подоброрангиран од нас и треба да се почитува, како што вели селекторот Васко Скендеровски, но според него ова е шанса на македонската футсал генерација!

Македонската футсал репрезентација денеска ќе го почне настапот на квалификацискиот турнир за Европското првенство во Србија во 2016-та. Поволната група, домашниот терен и искусната генерација го креваат оптимизмот дека нашиот национален состав може да обезбеди место во баражот и да се доближи до континенталниот собир. За да се оствари тоа најзначаен е денешниот дуел против Унгарија. Противникот е подоброрангиран од нас и треба да се почитува, како што вели селекторот Васко Скендеровски, но според него ова е шанса на македонската футсал генерација!
Унгарците се на 31-то место на листата на ФИФА, а црвено-жолтите се 40-та светска футсал сила, но поддршката од гледачите може да ја надополни статусната разлика. Македонија досега нема учество на голем собир, а Унгарија двапати играше на европските првенства, пред пет и пред десет години. Сепак, воиграноста на составот на Скендеровски кој е граден по принципот „екипа – репрезентација“ може да биде драгоцена предност.
Во другиот натпревар од денешната програма во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, Шпанија е апсолутен фаворит против Швајцарија. Најдоброрангираната светска футсал репрезентација е далку пред ривалите на турнирот, па затоа пресметката на Македонија со Унгарија го добива епитетот „клучна“! Со триумф над Унгарците, а потоа и против Швајцарија утре, нашиот националент тим ќе го обезбеди пласман во баражот. За него има и резервна опција како најдобрра репрезентација од третопласираните во седумте квалификациски групи, но најсигурна варијанта е денешен успех. Затоа македонските репрезентативци побараа помош од навивачите, но доколку не сте во арената, натпреварот можете да го гледате на Собранискиот сервис на МРТ од 19 часот
