Холандска компанија ќе изработува физибилити студија за национален авиопревозник

18.03.2015 14:55

Министерството склучи договор со фирмата. Предвидениот временски период за изработка на студијата е 4 месеци во кои избраниот економски оператор треба во рок од 60 дена да ја изработи и заврши првата фаза од Студијата...

Компанијата „InterVISTAS Consulting B.V“ од Холандија, како најповолен економски оператор, ќе изработи физибилити студија за можноста за формирање, односно воспоставување на национален (редовен) авиопревозник во Република Македонија, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.

Министерството склучи договор со фирмата. Предвидениот временски период за изработка на студијата е 4 месеци во кои избраниот економски оператор треба во рок од 60 дена да ја изработи и заврши првата фаза од Студијата. Доколку Студијата од првата фаза покаже физибилност, компанијата има обврска во рок од дополнителни 60 дена да ја изработи и заврши и втората фаза од Студијата.

Целта од изработката на физибилити студија е да даде јасна слика која ќе покаже дали има економска исплатливост и под кои услови ќе може да се формира, односно воспостави национален авиопревозник.