Од 2016-та Грција под лупа на Советот на Европа

18.03.2015 16:58

Комисијата за следење на обврските на земјите членки на Советот на Европа, започнува со спроведувањето на новата мониторинг процедура. Со неа повеќе нема да се прават разлики меѓу нови земји членки и стари земји членки, со цел високите стандарди на оваа најстара паневропска органзиација, како почитувањето на човековите права, во што се подразбираат и тие на малцинствата да бидат на исто рамниште...

Реформата на мониторинг постапката се очекуваше веќе подолго време во Советот на Европа, бидејќи се стекна впечатокот дека во организацијата се применуваат двојни стандарди, едни за новите земји членки, други за старите. За реформата на мониторинг постапката побаравме објаснуваме од Стефан Шенах, претседателот на Мониторинг комисијата при ПССЕ.

„Немаме две класи на општества под мониторниг повеќе, и сите земји членки можат да бидат под мониторинг. Земјите членки ќе бидат под рестриктивен цензус на мониторинг“, изјави Шенах.

Шенах во таа прилика ни потврди дека е одлучено идната година, да биде отвроена мониторинг постапка и за нашиот јужен сосед Грција.

„Во 2016 година ќе бидат мојата земја Австрија,  Естонија,  Грција и уште една земја, но тоа нема да биде Франција. Франција сега е под тематски мониторинг“, нагласи Шенах.

Македонскиот пратеник Александар Николоски, кое е истровремено и заменик претседател на Мониторинг комисијата на ПССЕ, беше еден од иницијаторите на реформата и посебно во делот за барање на отворање на мониторинг постапка за Грција, еве што тој ни изјави по вчерашниот состанок во Париз.

„На моја иницијатива веќе следната година, во 2016, во официјален документ кој го усвои Мониторинг комисијата на ПССЕ, Грција ќе биде ставена под мониторинг во делот на почитувањето на човековите и малцинските права, владеењето на правото и демократијата. Сметам дека ова е голем успех, бидејќи за прв пат се отвораат овие прашања во Грција“, вели Николоски, кој е шеф на македонската парламентарна делегација при ПССЕ.

Накратко, сега сите земји членки на Советот на Европа се на исто ниво и повеќе не ќе можи да важи еден од стандардите на Советот на Европа само за новите земји членки, оние кои станале членки по паѓањето на комунистичкиот систем, додека за така наречените стари демократии тие исти стандарди не важат.

Оваа одлука на ПССЕ, доаѓа во период кога во многу стари земји членки се забележува подем и изборни успеси на екстремистички движења и партии и отвроена нетолеранција кон сите оние кои не се со исто етничко потекло, како мнозинството.

ПССЕ пред неколку години веќе имаше изработено еден детален извештај за ситуацијата со македонското малцинство во Грција, кој сигурно може да послужи како појдовна точка за мониторинг процедурата кон нашиот јужен сосед, Грција. 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ