Селските водоводи во Битола закана за туларемија

18.03.2015 17:01

Во Пелагонија сеуште нема појава на болеста туларемија, но фактот што водата во селските водоводи е неисправна за пиење и се работи за рурални региони каде што има присуство на глодари, го подгреваат стравот на жителите. Експертите од Центарот за јавно Здравје се подготвуваат за дезинсекција и дератизација на критичните места...

Континуираната бактериолошка загаденост на селските водоводи и присуството на глодарите по нивите и шталите го подигаат степенот на претпазливост во Пелагонија по појавата на болеста туларемија. Стравот на жителите се чувствува.

„Секако дека ни е страв, немаме за пиење и готвење чиста вода и не може да се живее нормално“, вели жителот од селото Вашарејца, Никола Стојановски.

„За пиење купуваме вода, а за готвење ја превривам“, вели Верка Стојановска.

„Се плашам затоа што по поплавите глодарите избегаа на суво па ги има во шталите кај домашните животни“, вели нивната соселанка, Весна Цветановска.

Стручните служби од Центарот за јавно здравје се катадневно на терен. Се земаат мостри од водата, преку едукативни средби се запознават учениците со мерките на претпазливост, а локалните самоуправи  ги насочуваат како до поефикасна заштита.

„Некои селски водоводи се загадени по поплавите, но некои тоа го имаат во континуитет. За сите важи истото правило, постојано хлорирање на водата“, вели прим. по хигиена д-р Марика Иванова.

Епидемиолозите велат дека тулареминијата не е нешто непознато. Може да се појави во повеќе форми, но нема опасност по животот доколку навремено се дијагностицира.

„Како превентива преку нашето дијагностичко одделение направивме неколку испитување на сомнителни пациенти, но наодите беа негативни“, вели соецијалистот епидемиолог, прим. д-р Тони Коњановски.

И покрај тоа превентвата ќе добие на динамика.

Веќе од почетокот на идната недела ќе следи дезинсекција и дератизација на теренот.

 

Стевче Митревски