ЕУ бара политички дијалог и институционална разрешница за случајот „Пуч“

18.03.2015 17:13

Ален Ле Роа, поранешниот европски претставник во Македонија, повторно е во фокусот на нашата јавност. Од новата позиција во европската дипломатска служба имаше средба со вицепремиерот Фатмир Бесими. Разговарале за тоа како да се надмине политичката состојба во земјава...

Брза интервенција за воспоставување на политички дијалог меѓу политчките сили во земјата и институционална и правна разврска на актуелната состојба, беа поентите од денешната прва официјална средба на вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими и новиот генерален секратар на европската служба за надворешни работи, Ален Ле Роа.

„Во таа смисла Европа смета дека веќе има подадено рака, со предлогот на комесарот Хан за групата на пратеници- Вајгел, Ховит и Кукан, да создадат амбиент за разговор меѓу двете парламентарни групи ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“, изајави вицепремиерот Фатмир Бесими за МРТ.

Според најавите – може да се очекува европските пратеници да пристигнат во Македонија до крајот на месецов. Секако и Европската комисија, заедно со европската служба за надворешни работи размислуваат на кој начин да се вклучат во олеснување на надминувањето на политичката криза, но откако пратениците ќе го направат првиот чекор, а дотогаш ЕУ, развојот на состојбата, буквално ќе го следи на дневна база- изјави Бесими.

„И вториот аспект е што целиот случај мора да има институционална и правна разрешница, со целосно поцитување на владеењето на правото и независното судсвто. Еден кредибилен и транспарентен процес. И тука покажаа спремност доколку е потребно да дадат свои експерти“, нагласи вицепремиерот Бесими.

Инаку во рамките на дводневната посета вицепремиерот Бесими оствари средби и со директорот од директоратот за просирување на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, како и со пратениците Иво Вајгел и Тонино Пицула, на кои се разговарало за статусот за реализација на клучните приоритети кои произлегуваат од извештајот на ЕК за напредокот на државата и заклучоците на Европскиот совет.

Да потсетиме дека Европскиот Парламент по деветти пат донесе резолуција за неодложен почеток на преговорите со Унијата, која ќе се разгледува на состанокот на Европскиот совет во декември годинава.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ