Драчево и околината останаа без струја

18.03.2015 16:26

Од ЕВН велат дека причина за проблемот е лизгање на земјиштето што го предизвикале градежни работи. Поради прекинот на оваа врска нема доволна моќност трафостаницата во Драчево...

Поради оштетување на 110 киловолтниот столб кој се наоѓа во близина на патот за Драчево, струја нема во населбата и во уште 11 населени места во околината. Електрична енергија, освен во домовите, нема ни во амбулантата и дуќаните.

Од ЕВН велат дека причина за проблемот е лизгање на земјиштето што го предизвикале градежни работи. Поради прекинот на оваа врска нема доволна моќност трафостаницата во Драчево.

„ЕВН Македонија почна да го санира 110 киловолтниот столб од трасата од која се напојува населбата Драчево, кој беше зафатен од лизгање на земјиштето, предизвикано од изведување градежни работи, поради што дел од земјиштето поради ерозија почна да се лизга кон регионалниот пат Скопје- Драчево, и со тоа направи оштетување на столбот“, изјави Атанас Ковачевски, портпарол на ЕВН.

Од општината Кисела вода под чија надлежност се населените места, велат дека од увидот на инспекциските служби се утврдило благо навалување на металниот столб од далекуводот кај потпорниот ѕид. Од таму велат дека на местото нема никакви градежни активности веќе подолго време, па тоа не може да биде причина за лизгање на земјиштето. Според локалната власт, најверојатно причина се поројните дождови.

Се бара начин далноводот да се дислоцира, а во меѓувреме се прават алтернативни решенија  за нормално снабдување со струја.

 

Дијана Ценевска