Математиката неопходна за полесно до вработување
Оправдан е потегот математиката да се полага во државната матура, смета деканот на Технолошко- металуршкиот факултет. Вели дека ова е основа на знаењето кое е потребно при вработувањето. Анализите веќе покажаа дека полесно до работа доаѓаат оние што на факултет го имале овој предмет...

Математиката е неопходна во секојдневниот живот и е основа на сите науки. Деканот на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје вели дека средношколците не треба да стравуваат од новините во државната матура. Објаснува, дека се бара да покажат основно знаење од математиката.
„Нема од што да се плашат самото изучување ќе им помогне на нив. Математиката кои ќе ја полагаат како задолжителна матура не е на некое ниво што ќе се бара на факултетите, тоа е ниво кое треба да го знае секој млад човек кој наполнил 18 години кој што треба да го знае од општа култура“, вели проф.д-р Александар Димитров.
Димитров вели дека е оправдан потегот математиката да се воведе во државната матура, тоа било барање и на Техничките факултети. Анализите покажале дека студентите кои ја изучуваат први стигнуваат до работно место, побрзо напредуваат во кариерата , а токму тие се најбарани на пазарот на трудот во земјава.
„Битно е да ја изучуваат сите заради тоа што сите кога ќе продолжат во своето образование и својата професија ќе бидат многу слаби без математиката и помали успеси ќе имаат, правник ако не познава математика нема да може да расудува баш како што треба“, смета проф. Димитров.
Математиката не е застапена само на техничките факултети, таа е неопходна и во економијата, правото, бизнисот и менаџментот, се бара нејзино знаење во речиси сите гранки на општественото живеење и функционирање. Математиката во матурата е задолжителна во Австрија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Полска и во Словенија и е значаен дел за младите кои се определуваат за некои од овие струки.
Викторија Тодоровска
