„Акомпласт“ ќе ја реализира најавената инвестиција во Прилеп

18.03.2015 17:11

„Акомппласт“ во Прилеп ќе произведува пластично моделирани делови за автомобили. На почетокот тоа ќе биде браунфилд инвестиција со закупување на некој од постојните погони во градот. На старт ќе се вработат околу 250 лица, а инвестицијата ќе биде тешка неколку милиони евра...

По американската Гентерм уште една реномирана светска компанија од автомобилската индустрија ќе отвори фабрика во Прилеп. Германската „Акомппласт“ во Прилеп ќе произведува пластично моделирани делови за автомобили. На почетокот тоа ќе биде браунфилд инвестиција со закупување на некој од постојните погони во градот. На старт ќе се вработат околу 250 лица, а инвестицијата ќе биде тешка неколку милиони евра. Веќе била и отворена фирма во Македонија која се вика „Инџекшн Молдинг Прилеп“.

„Ќе донесеме машини кои се наменети за производство на лиена пластика, како и за вакумско нанесување на површините. Тоа се делови на рефлекторите, алуминимско распрскување, а се надеваме дека за пола година тие машини ќе бидат инсталирани тука“, истакна Франк Михаелис, претставник на „Акомпласт“.

„Прилеп не го одбравме само затоа што има добар потенцијал за квалификувана работна сила туку и затоа што имаме одлична соработка и поддршка од општината“, рече Инес Андре, претставник на „Акомпласт“.

Со производство планираат да започнат за околу една година. Доколку има потреба потоа ќе инвестираат и во изградба на нова фабрика во некоја од зоните во Прилеп. За брзо време ќе бидат пратени и првите вработени на обука во Германија.

„Тие беа доста задоволни од структурата на образовната работна сила која што постои тука. Со тоа ќе најдат квалитетен работен кадар што е потребен за нив. Ќе воспостават тековно со нивната инвестиција добра релација со локалните школи и универзитети за да имаат добро обучен работен кадар“, истакна Бил Павлески, министер за странски инвестиции.

За Општината ова е уште една финансиска инекција за прилепската економија.

„Во секоја фабрика не е само вработувањето во неа, туку таа е поврзана со локалните фирми и економија кое ќе значи комплетно заживување и отворање на нови работни места во севкупната економија во Прилеп“, вели Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Претходно и американската Гентерм најави влез во Слободната економска зона кај Алинци, инвестиција тешка 20 милиони евра каде треба да се вработат околу 2.000 луѓе.

 

Дарко Штаргоски