Футсал квалификации за ЕП во Србија 2016

Несреќно реми!

18.03.2015 22:40

Унгарците беа поконкретни на почетокот на средбата, македонските репрезентативци играа во грч и дозволија противникот високо да притисне и да ја спречи нашата комбинаторна игра...

Македонската футсал репрезентација одигра нерешено 3-3 со Унгарија на отворањето на квалификацискиот турнир за Европското првенство во Србија во 2016-та. Во арената „Борис Трајковски“, нашиот национален состав водеше во поголемиот дел од средбата, а со автогол на 65 секунди до крајот дозволи противникот да остане непоразен.

Унгарците беа поконкретни на почетокот на средбата, македонските репрезентативци играа во грч и дозволија противникот високо да притисне и да ја спречи нашата комбинаторна игра. Сепак, како одминуваше натпреварот Македонија беше се поконкретна во нападот и со головите на Мартин Тодоровски во 14-тата и во 18-тата минута замина на пауза со предност од 2-0.

Во второто полувреме, Унгарија намали преку капитенот Тренсени, а во 35-тата минута и израмни откако селекторот Ривера се реши да игра без голман, односно со петмина в поле. Адријан Мицевски погоди од слободен удар во 39-тата минута за ново водство на избраниците на селекторот Васко Скендеровски, но несреќниот автогол на Агуши значеше поделба на бодовите.

Во другиот натпревар од првото коло во скопската квалификациска група, фаворитот Шпанија го прегази нашиот утрешен противник Швајцарија со 9-1. Со победа во тој меч, црвено-жолтите ќе ја задржат шансата за пласман на второто место, а со тоа и во септемврискиот бараж за Европскиот шампионат. Шпанците се единствени претенденти за првото коешто обезбедува директно учество на јануарскиот собир во Србија. 

***

Квалификации за ЕП 2016, 1.коло:

Македонија – Унгарија 3-3

Шпанија – Швајцарија 9-1

***

Утре, 2.коло:

Македонија – Швајцарија (пренос МРТ Собраниски, 19.00)

Шпанија – Унгарија

***

Сабота, 3.коло:

Македонија – Шпанија (пренос МРТ Собраниски, 18.30)