СК во алпско скијање, Мерибел

Малите глобуси во спуст за Вон и за Јансруд

18.03.2015 23:21

Со 66-от триумф во кариерата, а седми сезонава, најуспешната скијачка на сите времиња го освои 18-от глобус, сметајќи ги сите дисциплини. Линдзи Вон седмипат стана најдобра во спуст во Светскиот Куп...

Американката Линдзи Вон и Норвежанецот Кјетил Јансруд ги освоија малите кристални глобуси во спуст, на првиот ден од завршниот фестивал на сезоната во Светскиот куп во алпско скијање во француски Мерибел. И двајцата ги добија последните годинашни трки во најбрзата дисциплина.

Со 66-от триумф во кариерата, а седми сезонава, најуспешната скијачка на сите времиња го освои 18-от глобус, сметајќи ги сите дисциплини. Линдзи Вон седмипат стана најдобра во спуст во Светскиот Куп, откако лесно ја сочува предноста во однос на конкурентката Ана Фенингер. Австријката заврши осма, зад Тина Мазе којашто беше четврта, поради што Словенката сега и се приближи на само 12 бода на лидерката во вкупниот пласман. Жестока ќе биде борбата меѓу Фенингер и Мазе во завршните три трки, особено што Фенингер не скија слалом.  

Кај алпинците, титулата во спуст норвежанецот Кјетил Јансруд ја потврди со победа пред швајцарецот Дидие Дефаго и Австриецот Георг Штрајтбергер. Задачата му ја олесни најблискиот ривал, Австриецот Ханес Рајхелт, којшто беше 10-ти. Јансруд, којшто претходно го обезбеди малиот глобус и во супервелеслалом, си ги обнови шансите и во трката за севкупен триумф во Светскиот куп. Сега има само 64 бода помалку од водечкиот Австриец Марсел Хиршер, којшто не вози спуст, а за да се сконцентрира на техничките дисциплини, можно е да го пропушти и супервелеслаломот во којшто Јансруд е фаворит.  Тој ќе се вози в четврток, в петок е тимскиот натпревар, а во деновите од викендот и трките во техничките дисциплини.