Средба Груевски- Дол во Брисел: Опозицијата да се врати во Парламентот, таму да се разрешат работите

19.03.2015 13:26

Груевски и Дол разговарале за повеќе актуелни теми и прашања од интерес за Република Македонија и нејзините евроинтеграции...

Во Брисел- конференција на Европските народни партии на која учествува премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.  Македонскиот премиер на средба со претседателот на Европската народна партија, Жозеф Дол кој е и лидер на најмногубројната политичка групација во Европскиот парламент и искрен поддржувач на Република Македонија. 

Груевски и Дол разговарале за повеќе актуелни теми и прашања од интерес за Република Македонија и нејзините евроинтеграции.

„Имав средба со претседателот на најмоќната политичка групација овде во Европската унија, на која го информирав за актуелните политички состојби во Македонија, како и за случајот Пуч, и деталите околу нив. Неговото мислење е дека опозицијата треба да се врати во Парламентот и таму да се разрешат работите. Тој презема обврска и понатаму да го следи случајот, да се информира и доколу е можно нешто да помогне во иднина“, изјави премиерот Груевски по средбата.

Средбата Груевски- Дол е втора меѓу двајцата политичари во период од неколку месеци.

На самитот во Брисел учествуваат шефовите на партиите и политичките лидери од европската десница, меѓу кои и првите луѓе на Европската Комисија и на Европскиот Совет Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.