Можност за 1.000 невработени лица преку обука кај познат работодавач
Можноста имаат право да ја искористат илјада лица, а се обезбедени над 22 ипол милиони денари од ИПА програмата...

Невработените лица и приватните компании од утре ќе можат да се пријавуваат на јавниот повик на Министерството за труд и социјална политика и на Агенцијата за вработување, за новата мерка - обука кај познат работодавач.
Можноста имаат право да ја искористат илјада лица, а се обезбедени над 22 ипол милиони денари од ИПА програмата.
Обуката ќе се реализира во реални работни услови на работните места кај приватните компании кои што ќе аплицираат за искористувањето на оваа мерка при што, невработените лица ќе имаат можност за обука на работно место во период од 3 месеци за што ќе добиваат по 6.200 денари месечно заедно со осигурување при повреда при работа, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски смета дека оваа мерка во текот на изминатите години дала многу добри резултати. Преку оваа мерка досега вкупно се склучени 7046 договори за обука.
