Економската соработка меѓу Македонија и Турција расте- постои потенцијал за настап на трети пазари
Оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, Елена Милевска-Штрбевска истакна дека и покрај редовните македонско-турски бизнис форуми и одличната соработка има потенцијал за унапредување на надворешно-трговската размена меѓу двете земји...

Економската размена меѓу Македонија и Турција постојано расте. Само лани е зголемена за над 14 проценти и достигна 441 милион долари. Според бизнисмените, во тоа помогнале и 4-те бизнис форуми што се одржаа во Македонија.
Оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, Елена Милевска-Штрбевска истакна дека и покрај редовните македонско-турски бизнис форуми и одличната соработка има потенцијал за унапредување на надворешно-трговската размена меѓу двете земји и за заеднички настап на компаниите на пазарите во Европската унија, Северна Африка и Блискиот Исток.
Предвреме го исплативте и долгот кон ММФ, а кога тоа го направи Турција кај нас почнаа да доаѓаат голем број странски инвестиции. Претпоставувам дека во Македонија ќе се случи тоа и токму затоа сме тука за да добиеме дел од колачот заедно со македонските бизнисмени, изјави претседателот на Невладината бизнис асоцијација „Башсиад“, Бариш Арад.
Тој посочи дека исто како и европскиот пазар и брзорастечките пазари бараат квалитетни и конкурентни производи и додаде дека постојат можности за соработка во повеќе сектори меѓу турските и македонските компании.
