Фудбал - Лига на шампиони

Јуве и Барса за класи подобри

19.03.2015 13:55

„Бевме безопасни, ако не шутираш кон голот не можеш да биде опасен, но барем полесно се прифаќа поразот кога знаеш дека противникот бил поквалитетен. Едноставно, Јуве беше подобар“, призна германскиот стратег, Клоп...

Јувентус и Барселона беа за класи подобри и затоа се во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Тактичката надмоќност на „старата дама“ на Вестфален, не и дозволи на Борусија и буквално ниту еднаш да го загрози Буфон. Двојниот стрелец Тевез потенцира дека победата од 3:0 е успех на тимот, а дека тој само си ја вршел работата за која се задолжени голгетерите. Тренерот Алегри пак, смета дека Јуве е подготвен во четвртфиналето да се соочи со некого од „магичната четворка“, Барселона, Реал, Баерн или Пари Сен Жермен.

„Бевме безопасни, ако не шутираш кон голот не можеш да биде опасен, но барем полесно се прифаќа поразот кога знаеш дека противникот бил поквалитетен. Едноставно, Јуве беше подобар“, призна германскиот стратег, Клоп.

Дека натпревар со само еден гол може да биде величенствен покажа Барселона којашто си поигруваше со Манчестер Сити иако го совлада со скромни 1:0. Меси кој сезонава учествуваше во повеќе од половина од 127-те гола на каталонците, го прогласи англискиот голман Харт за феномен. „Уживав во натперварот, но пред нас има уште долг пат“, изјави аргентинскиот фудбалски виртуоз. „Ова беше специјална вечер за нас, се надевам и за навивачите“, се надоврза шпанскиот стручњак, Енрике.

Кон голот на „граѓаните“, Барса упати 23 удари, Харт кој десет од нив одбрани на извонреден начин, беше реален: „тие се многу добра екипа, знааш што прават, имаат огромна самодоверба и го имаат Меси“.

Извлекувањето на четвртфиналните двојки ќе биде утре и тоа без ограничувања и привилигирани, во големата европска осумка, Барселона, Реал, Атлетико, ПСЖ, Монако, Баерн, Јувентус и Порто, може да игра секој со секого.