Футсал квалификации за Еп во Србија 2016

Победнички императив против Швајцарија

19.03.2015 14:11

Mакедонските футсал репрезентативци денеска ќе се сретнат со Швајцарија во второто коло на квалификацискиот турнир за Европскиот шампионат во Србија...

Откако одиграа реми, а беа блиску и до победа против Унгарија, македонските футсал репрезентативци денеска ќе се сретнат со Швајцарија во второто коло на квалификацискиот турнир за Европскиот шампионат во Србија. Со оглед дека наша цел е пласманот во баражот, во арената „Борис Трајковски“ опција е само триумф. И тоа не каков било, туку што поубедлив затоа што нашата селекција ќе брка и подобра гол-разлика којашто најверојатно ќе биде решавачка во трката со Унгарцитеза втората позиција.

Шпанија е апсолутен фаворит за првото место, со тоа и за директен пласман на јануарскиот континентален собир, а Швајцарија важи за аутсајдер. Ако овие претпоставки се остварат, тогаш ние и Унгарците би завршиле со идентичен број бодови. За да се случи тоа „армадата“ треба да оствари три победи, а црвено-жолтите и Унгарија да ја совладаат Швајцарија.

Нам би ни одговарало да триумфираме против нашиот денешен ривал како и во единствениот досегашен меѓусебен натпревар кога беше 10-2. Ќе биде ли така, ќе видиме во преносот на Собранскиот сервис на МРТ од 19 часот.