Средношколците на протест против задолжителното полагање математика на државната матура
Средношколци од повеќе градови излегоа на протест. Се противат на задолжителното полагање математика на државната матура. Бараат да се врати стариот концепт. Централниот протест беше во Скопје. Учениците маршираа од Градскиот парк до Министерството за образование...

Стоп за реформите во средното образование и задолжителното полагање на математика во државната матура. Средношколци од повеќе скопски училишта се собраа пред фонтаната во Градскиот парк, од кадешто продолжија пред Министерството за образование.
„Беше поднесено барањето за да не биде математика задолжителен предмет, но тоа барање беше одбиено, изминатата недела беше поднесено барање и за екстерното, за кое сеуште немаме одговор. Екстерното тестирање веќе неколку години не дава резултети, поднесени се огромен број приговори“, вели Моника Пешевска, ученик во СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Најновиот концепт предвидува математиката да биде трет задолжителен предмет за полагање на матурата, со што Средношколскиот пленум не се согласува. Побара враќање на стариот модел, а екстерното тестирање да биде ставено во мирување.
Со исто барање излегоа и средношколци во Струга, Куманово, Велес, Кавадарци и Неготино.
„Ова е единсвениот начин на кој што можеме да пратиме порака, доколку ја спречуваме работата на професорите и кажуваме дека ние не можеме да бидеме во училиште, дека не можеме да ја трпиме реформата, сметаме дека само вака целосно ќе успееме да испратиме порака и институциите да се заинтересираат за нас“, изјави Христина Пеева, средношколец од Велес.
Средношколците добија поддршка и од Студентскиот пленум. Се пожалија дека директорите во некои училишта им вршат притисок на начин што нема да им ги оправдаат изостаноците и ќе им го намалат поведението ако учествуваат во протестот.
Анита Димитријевска
