Обука кај познат работодавач- можност за 1.000 невработени

19.03.2015 16:29

Можност за аплицирање имаат сите баратели на работа и приватните компании. За реализација на проектот се обезбедени 22.600.000 денари преку ИПА програмата, а фирмите што ќе ја спроведуваат обуката ќе добиваат надоместок до 25.000 денари...

Илјада невработени ќе имаат можност да  одат на обука кај познат работодавач. Од утре тече огласот на Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика.

Можност за аплицирање имаат сите баратели на работа и приватните компании. За реализација на проектот се обезбедени 22.600.000 денари преку ИПА програмата, а фирмите што ќе ја спроведуваат обуката ќе добиваат надоместок до 25.000 денари.

„Невработените лица ќе имаат можност за обука на работно место во период од 3 месеци за што ќе добиваат по 6.200 денари месечно заедно со осигурување при повреда при работа“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Обуките кај познати работодавачи покажуваат позитивни резултати и ги зголемуваат можностите за вработување вели Влатко Поповски, директорот на АВРМ.

„Доколку се работи за лице кое е под 29 годишна возраст и ја помине оваа обука, ќе може работодавачот да смета и на ослободување од придонеси во текот на првата година од вработувањето“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

Со оваа мерка досега се склучени 7.046 договори за обука, 5.034 се вработиле, а се уште работат околу 4.400 луѓе. Од утре ќе почне да функционира и електронската пошта за информирање на приватните компании за огласите што се објавуваат, а продолжува и известувањето преку Смс на активните баратели на работа за тековните мерки на Агенцијата за вработување.

Сунчица Николовска