Заев објави нови аудио- разговори

19.03.2015 16:57

Заев за првпат објави и снимки на кои според него се слушаат разговори на државни функционери од редовите на ДУИ, а кои се однесуваат на изборот на јавни обвинители и на судии...

Претседателот на СДСМ Зоран Заев продолжи со објавувањето аудио– материјали од прислушувани разговори за кои вели дека се водени меѓу високи државни и партиски функционери. Според Заев, тие ги докажувале злоупотребите на актуелната власт во Македонија, како и влијанието врз кадровски решенија во правосудниот систем.

„Ако вака на овој начин ја соопштуваме вистината за Македонија од почеток до крај, сигурно дека ќе се залагаме до крај и правичноста и правдата да дојдат за секој криминал и незаконско дејсвие кое што е направено. Ќе заебележите и во претходните разговори и денеска, има многу луѓе кои се административци и кои се извршители под наредба. Кривичниот законик го дефинира целото ова“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Заев за првпат објави и снимки на кои според него се слушаат разговори на државни функционери од редовите на ДУИ, а кои се однесуваат на изборот на јавни обвинители и на судии.

Лидерот на СДСМ најави дека во иднина ќе обелоденува материјали и за стопански криминал, како и за случајот „Монструм“. Рече дека веќе предал снимки до неколку дипломатски претставници во земјава, но не сакаше да открие детали за содржината, ниту пак за кого станува збор.