Велешкиот театар подготвува две нови претстави
„Крал Иби“ и „Спанаќ со компири“ се двете нови претстави кои ги подготвува велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“. Пробите веќе се започнати, а премиерите се очекуваат во втората половина од идниот месец. И во двете престави покрај актерите од Велешкиот театар, настапуваат актери гости од Театар Комедија и Штипскиот театар...

На двете сцени во театарот во Велес се подготвуваат нови престави. Едната е „Крал Иби“ од Алфред Жари во режија на Андреј Цветановски. Оваа претстава е дел од годишната програма на театарот која ја финансира Министерството за култура. Покрај актери од Велешкиот театар во комедијата играат и Жарко Димовски и Едмон Сотир.
„Ќе пробаме низ призната на очите на татко Иби, да ја погледнеме историјата на владетелите, тоа е историјата која има темна страна и природата“, вели режисерот Андреј Цветановски.
По триесет години пауза повторно на сцената на велешкиот театар се поставува „Крал Иби“, претстава која е многу значајна за ансамблот.
„Токму заради големиот успех и одѕив на таа претстава на тогашните театарски игри во Прилеп на нашиот театар, Државата му го врати професионалниот статус“, рече уметничкиот директор Васил Зафирчев.
И втората претстава која се подготвува е комедија. Но, оваа е една од трите кои театарот планира да ги подготви годинава со сопствени средства.
Со „Спанаќ со компири“, во режија на Ненад Витанов наскоро ќе се дигне завесата и на малата сцена во новата театарска зграда. Витанов во оваа претстава улога му додели и на штипскиот актер Владимир Тулиев.
„Не се работи за деликатеси и јадења, туку се работи за човечки страсти. Страста спрема фудбалот најмногу, спрема љубовта, страст спрема животот“, вели режисерот Ненад Витанов.
Премиерите на овие две нови продукции се очекуваат во втората половина од наредниот месец.
Дијана Иванова
