31 година затвор за седумтемина обвинети за кражба на артефакти

20.03.2015 14:59

Групата одговараше за несовесно работење, а не за кражба на 162-та артефакти. Обвинителството тврди дека овозможиле експонатите да се изнесат од Музејот и да бидат украдени. Членови на комисијата за откуп купувала монети без доказ за потекло...

Вкупно 31 година затвор за седумтемина кои според обвинителството се одговорни за кражбата на артефакти од Музејот на Македонија. Највисока казна доби поранешниот директор на оваа установа Перо Јосифовски, кој е казнет со 8 години и 8 месеци затвор.

„Мојот татко буквално се имаше вложено во оваа работа. Ако отворете и погледнете тој ги имаше направено најголемите археолошки достигнувања за оваа земја“, изјави Блаже Јосифовски, син на обвинетиот Перо Јосифовски.

Златарот Часлав Кузмановиќ кој изработувал реплики на златните експонати изнесени од музејот е казнет со седум години и осум месеци затвор, а програмскиот директор на Археолошкиот музеј Златко Видевски со 6 години и осум месеци.

„Ова е еден голем настан за институциите на системот коишто сакаат да ги оправдаат вистинските крадци кои се наоѓаат на слобода моментално и истовремено воопшто не се прават напори да се откријат тие крадци. Невини луѓе лежат во затвор“, изави Соња Петрушевска, адвокат.

Групата одговараше за несовесно работење, а не за кражба на 162-та артефакти. Обвинителството тврди дека овозможиле експонатите да се изнесат од Музејот и да бидат украдени. Членови на комисијата за откуп купувала монети без доказ за потекло.

„Комисијата брои три члена со еднакви права и обврски. Двајца членови добија по една година, за најозогласениот три. Три години затвор за мене се исто како смртна пресуда“, изјави Јован Кондијанов – обвинет член на Комисијата за откуп на музејски материјал.

Тројца од обвинетите остануваат во притвор. Со судска одлука на обвинетите им се запленети 135 предмети од историско значење. Случајот беше откриен во ноември 2013-та година.

 

Анита Димитријевска