Кинескиот поет Беи Дао- добитник на „Златен венец“ на СВП за 2015

20.03.2015 15:55

Бeи Дао е еден од најистакнатите претставници на таканаречената „загадочна школа“...

Кинескиот поет Беи Дао е лауреат на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2015 година. Одлуката денеска во Македонската академија на науките и уметностите ја соопшти претседателот на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Славе Ѓорго Димоски, кој рече дека Бeи Дао е еден од најистакнатите претставници на таканаречената „загадочна школа“.
 
Неговата потрага по сопствен поетски израз, посочи Димоски, е во корените на традционалната кинеска поезија, модернистичката поезија и влијанијата на западната литература, искуства кои ги стекнал живеејќи и творејќи подолго време во неколку европски држави и САД.
 
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во обраќањето пред присутните рече дека Струшките вечери на поезијата се наш национален бренд и потврдуваат дека Република Македонија е земја која силно ги респектира различностите, културните вредности и автентичните поетики кои го чинат европското и светското културно богатство но, оваа манифестација на извонреден начин го збогатува и европскиот и светскиот културен простор.