Нова шанса за невработените: Со бесплатна обука до вработување

20.03.2015 16:54

МРТ сторија за скопјанката Оливера Стојановиќ, која од волонтер доби можност за работа. Проектот отвора можност за 1.000 луѓе што се без работа...

Скопјанката Оливера Стојановиќ со години се обидувала да го реши егзистенцијалниот проблем, да се вработи. Волонтирала и работела кај газди кои не и ги плаќале придонесите. Мерката „обука кај познат работодавач“ и овозможила да почне да работи како болничар. Таа се надева дека за еден месец, откако ќе го заврши усовршувањето ќе добие вработување.

„Бидејќи работата си ја сакам, задоволна сум од условите, од се што ми пружи заводот и самата резиденција, се надевам дека ќе продолжиме со соработката“, вели Оливера.

Оливера е една од четирите невработени кои добија можност да ја поминат обуката во приватниот домот за стари во Сопиште. Огласот е во тек, мерката „обука кај познат работодавач“ отвора можност за 1.000 луѓе што се без работа. Обуката трае 3 месеци, за што ќе добиваат по 6.200 денари месечно и осигурување. Привaтните компании, пак, можат да ги обучат оние коишто сакаат да ги вработат.

„Без оглед на тоа дали е фирма која има одреден прогрес и си работи со години, или пак е нова како нашата, секоја финансиска поддршка е исклучително важна. Јас ги поттикнува сите кои водат мали, средни, или големи претпријатија, да ги користат овие бенефиции“, изјави Даниела Дабеска, сопственик на дом за стари лица.

Во минатата година со оваа мерка беа опфатени 569 невработени. Од нив се вработени вкупно 305 лица.

 

Наташа Јанчиќ