Цената на нафтата и курсните игри меѓу доларот и еврото
По неколкудневната стабилност, цената на нафтата продолжува да паѓа. Анализите укажуваат на тоа дека цената на црното злато е директно поврзана со курсните игри меѓу доларот и еврото...

Берзите уште еднаш покажаа дека ги движат претежно шпекулации и навестувања, со добра доза на политички сигнали. Ставот на Кувајт е дека ОПЕК нема друг избор освен да го задржи сегашното производство што за кратко ја стабилизира цената на 55 долари за барел. Меѓутоа изјавата на канцеларката Меркел за Грција експресно го зајакна еврото во однос на доларот, што предизвика зголемување на цената на црното злато за 4 проценти. Два фактора се пресудни во бизнисот со сурова нафта.
„Доларот и шпекулациите околу висината на стапката на ФЕД се елементи кои секогаш го движат и го прават нестабилен пазарот со сурова нафта“, изјави Вандана Хари, директор во „Платс“.
Послабиот долар ја поттикнува побарувачката за нафта, но преполните американски стратегиски резерви ги загрижуваат земјите производители.
„Да претпоставиме дека барел нафата во следните 6 месеци ќе се движи меѓу 45 и 50 долари. Тоа е можно, но што ќе се случи потоа на страната на понудата. Како ќе реагира СаудискаАарабија? Ваквата цена ја доведува во прашање исплатливоста на идните вложувања во нафтениот бизнис“, смета Гурав Шарма, берзански аналитичар.
Традиционалните производители се загрижени поради енормниот пораст на американската продукција на нафта од шкрилци. Но, падот на цената ја доведе во прашање неговата исплатливост. Дополнителни проблеми може да предизвика Иран кој во случај на договор може драстично да го зголеми извозот.
Свето Николовски
