Карате

Македонските каратисти повторно успешни

20.03.2015 18:09

За разлика од девојките, членовите на машкиот ката тим и на машкиот тим во борби ги завршија натпреварите уште во првите свои настапи.

Уште еден извонреден ден за македонските каратисти на 50 ЕП во карате кое се одржува во Истанбул. Македонија обезбеди уште две борби за бронзен медал и тоа и двете во екипна конкуренција. Најпрвин женскиот ката тим во состав Поликсенија Јованоска, Маријана и Мишела Димоски го обезбедија петтото место, откако ги совладаа селекциите на Англија и Белорусија во првите две кола. На патот до финалето беа поразени од Германија, па во недела ќе се борат за бронзен медал. Одличен настап имаше и женскиот тим во борби, во состав Наташа Стефановска, Моника Стефановска, Симона Заборска и Драгана Тодорова. Тие најпрвин убедливо ја победија Романија во првото коло, потоа и Норвешка во второто. Во третото коло загубија од Хрватска, но во репасажните борби беа доминантни над претставничките на Англија и го остварија најголемиот успех на женското карате екипно во борби. 

За разлика од девојките, членовите на машкиот ката тим и на машкиот тим во борби ги завршија натпреварите уште во првите свои настапи. 

Од аспект на овие резултати, Македонија има најкомплетен настап на едно ЕП во историјата со вкупно 4 борби за бронзен медал, по две во поединечна и во екипна конкуренција. Викендот е резервиран за финалните пресметки, во саботната програма ги имаме Емил Павлов во борба за бронзен медал во -60 килограми, како и Мартин Несторовски во категорија +84 килограми. Што е уште позначајно, двајцата обезбедија пласман на Европските олимписки игри во Баку во месец јуни. Во недела исто така за бронзен трофеј ќе се борат женскиот ката тим и женскиот тим во борби.