На ЕП во карате Македонија со четири претставници во борбите за медали
Македонија обезбеди уште две борби за бронзен медал и тоа и двете во екипна конкуренција...
Уште еден извонреден ден за македонските каратисти на јубилејното 50 ЕП во карате кое се одржува во Истанбул. Македонија обезбеди уште две борби за бронзен медал и тоа и двете во екипна конкуренција. Најпрвин женскиот ката тим во состав Поликсенија Јованоска, Маријана и Мишела Димоски го обезбедија петтото место, откако ги совладаа селекциите на Англија и Белорусија во првите две кола. На патот до финалето беа поразени од Германија, па во недела ќе се борат за бронзен медал. Одличен настап имаше и женскиот тим во борби, во состав Наташа Стефановска, Моника Стефановска, Симона Заборска и Драгана Тодорова. Тие најпрвин убедливо ја победија Романија во првото коло, потоа и Норвешка во второто. Во третото коло загубија од Хрватска, но во репасажните борби беа доминантни над претставничките на Англија и го остварија најголемиот успех на женското карате екипно во борби. За разлика од девојките, членовите на машкиот ката тим и на машкиот тим во борби ги завршија натпреварите уште во првите свои настапи.
Од аспект на овие резултати, Македонија има најкомплетен настап на едно ЕП во историјата со вкупно 4 борби за бронзен медал, по две во поединечна и во екипна конкуренција. Викендот е резервиран за финалните пресметки, во саботната програма ги имаме Емил Павлов во борба за бронзен медал во -60 килограми, како и Мартин Несторовски во категорија +84 килограми. Што е уште позначајно, двајцата обезбедија пласман на Европските олимписки игри во Баку во месец јуни. Утре ќе се бори и женскиот тим во борби, а во недела исто така за бронзен трофеј ќе се бори женскиот ката тим. Европското првенство во Истанбул е досега со најголема конкуренција, со учество на околу 500 натпреварувачи од рекордни 47 земји.
