Селекторот Бошко Ѓуровски на маки пред квалификацискиот меч со Белорусија

Адеми и Ѓуровски не доаѓаат, Матиќ се уште без сертификат од ФИФА

23.03.2015 15:13

Значително реновираниот поширок список играчи на македонската фудбалска репрезентација ќе претрпе и додатни принудни измени пред евроквалификацискиот натпревар со Белорусија в петок во Скопје.

Значително реновираниот поширок список играчи на македонската фудбалска репрезентација ќе претрпе и додатни принудни измени пред евроквалификацискиот натпревар со Белорусија в петок во Скопје. Фудбалерите за врска Аријан Адеми и Марио Ѓуровски, коишто селекторот Бошко Ѓуровски ги планираше како сигурни членови на почетните 11, го откажаа доаѓањето, а ФФМ се уште нема сертификат од ФИФА за настап на Урош Матиќ. Во таква ситуација, пред вечерниот собир во Скопје, селекторот повика уште еден дебитант, играчот за врска на Работнички Душко Трајчевски.

Адеми викендов се повредил играјќи за Б-тимот на загрепски Динамо, а Ѓуровски, којшто по три години требаше да се врати во националниот тим, на меч на неговиот Муангтонг Јунајтед во Тајланд. Бидејќи претходно воопшто не ги стави на списокот Глигоров и Демири, на коишто до неодамна сметаше, одеднаш селекторот ќе биде на сериозни маки да ги пополни проблематичните места во дефанзивниот дел од средниот ред. Многу е веројатно на средбата против Белорусија и три дена во контролката со Австралија дека ќе мора на тие места да постави фудбалери на коишто тоа не им се природните позиции.