Мерките за вработување - стимул за компаниите
Повеќе од 660 милиони денари ќе бидат наменети за субвенционирање на компаниите кои што сакаат да го зголемат бројот на вработени и да го унапредат производството. За бизнисот новиот сет мерки се добредојдени. Се очекува идниот месец да почнат да ги применуваат компаниите...

Нови 20 .000 вработувања се очекува да донесат новите мерки за вработување. Повеќе од 660 милиони денари ќе бидат наменети за субвенционирање на компаниите кои што сакаат да го зголемат бројот на вработени и да го унапредат производството. За бизнисот новиот сет мерки се добредојдени. Се очекува идниот месец да почнат да ги применуваат компаниите.
„На бизнис заедницата ќе и биде дадена една уникатна можност, да секоја онаа компанија која планирала развојна компонента во своето работење и имала потреба од вработување на нови лица, но немала можност за реализација, сега преку овие мерки ќе има можност“, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.
Практиканството во компаниите ќе обезбеди поголем стручен кадар за бизнисот. Од Агенцијата за вработување велат дека шансата е подеднаква и за младите и за повозрасните.
„Сите оние отворени огласи, ќе може да се комбинираат заедно со новите мерки кои ги најави Владата“, нагласи Влатко Поповски, директор на Агенција за вработување.
Мерките треба да ги мотивираат работодавачите преку намалените трошоци да го зголемат бројот на вработени. Инаку, за луѓето кои ќе ги вработат до 35 години компаниите ќе бидат ослободени од плаќање придонеси три години. За останатите и за ранливите категории ослободувањето ќе важи 5 и повеќе години.
„Во самиот оперативен план за активни мерки и политики за вработување за 2015-та година, предвиден е износ од 660 милиони денари, кој практично најголем дел од овие средства ќе оди како субвенција за приватните компании“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Досега преку мерката за вработување на млади до 29 години се вработиле над 7.500 луѓе.
Дијана Ценевска
