Потпишан договор со „Дијатек“, нови 200 вработувања на Бунарџик
Италијанската компанија „Дијатек“ стави потпис на договорот за инвестицијата во Бунарџик вредна 10 милиони евра. Ќе отвори 200 работни места, а веќе бара домашни партнери кои во процесот на производството ќе се вклучат како добавувачи. На терен, изградбата на фабриката е при крај, производството почнува налето.

Нашинци од Италија, вработени во седиштето на „Дијатек“, ја повлекле инвестицијата во Македонија. По успешните преговори со надлежните е ставен потпис на договорот за вложување. Италијанците не губат време. Изградбата на нивната фабрика во Бунарџик, која се протегана површина од 2.500 квадратни метрие во финална фаза. Производството почнува налето, а дотогаш ќе се селектира потребниот кадар. 10-милионската инвестиција треба да отвори 200 работни места.
„Првата група од 30 луѓе ќе ја вработиме за неколку месеци, а потоа во согласност со зголемувањето на производството, месец по месец ќе расте и бројот на вработени. Во почетокот суровините ќе ги увезуваме од странство, но ние веќе сме во фаза на истражување на пазарот за набавка на суровини и секундардни материјали од Македонија“, изјави Диего Моса, сопственик на „Дијатек“.
Оваа компанија е еден од светските лидери за дигитално печатење, а во земјава ќе воведе три производствени линии. Следниот месец ќе се инсталираат машините на кои има работено домашна компанија, што претставува дополнителен ефект од инвестицијата.
„Дел од опремата што ќе биде инсталирана во новата фабрика се прави во Македонија, ја изработува компанија од Кочани која произведува садови од инокс и од челик. Важно е што сè поголем број домашни компании се вклучуваат во процесот на работата на странските инвеститори, не само за набавка на опрема туку и за доставување на опремата“, нагласи Виктор Мизо, директор на ТИРЗ.
Планот е со производството од земјава да се освојуваат пазарите во Источна Европа, Турција, северна Африка и во земјите од Персискиот Залив. Во првата фаза се очекува годишен извоз од 15 милиони евра, со проекција постепено да се зголеми за три пати.
„Веќе сме во преговори со неколку добавувачи на „Дијатек“. Ова значи дека кога ќе привлечеме доволен број инвестиции, потоа процесот самостојно ќе се одвива, ќе доаѓаат голем број компании во Македонија, ќе отвораат нови работни места што повлекува и зголемување на платите во држабата и развој на економијата“, рече Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
„Дијатек“ е групација со седиште во Италија, но и со погони во Франција, Германија, Швајцарија, САД. На глобално ниво има 800 вработени и прави годишен обрт од 180 милиони евра.
Мартин Пушевски
