2014-та година успешна за осигурителниот бизнис, пазарот треба уште да се развива

30.03.2015 16:56

И покрај позитивните трендови осигурителниот пазар се уште не е доволно развиен- ова се оценките на регулаторите и осигурителните компании. Заеднички ќе влијаат да се зголеми довербата кај граѓаните да почнат да управуваат со сопствените ризици...

Расте бројот на граѓани кои се одлучуваат да го осигураат својот живот, имот, земјоделски посед. Само животното осигурување бележи пораст од 21 % на годишно ниво. И покрај позитивните трендови осигурителниот пазар се уште не е доволно развиен- ова се оценките на регулаторите и осигурителните компании. Заеднички ќе влијаат да се зголеми довербата кај граѓаните да почнат да управуваат со сопствените ризици.

„Има примери каде луѓето без проблем даваат по 10 или 15 пати повисока премија за осигурување Каско автомобил, а воедно не сака да го осигура својот дом“, вели Ило Ристовски, претседател на Здружението на осигурување на СКМ.

Процентот на осигуривање на домаќинствата е помал од 4 отсто, додека во развиените земји достигнува и до 90%. Граѓаните стануваат свесни за потребата од осигурување, но се уште голем дел од нив го сметаат за непотребен трошок.

„Порано додека работевме преку претпријатијата, бевме осигурани, а сега не... Треба да се даваат пари...“, велат дел од граѓаните кои ги анкетиравме.

Измината година била успешна за осигурителниот сектор. Оставарена е премија во износ од 7,63 милијарди денари, што претставува пораст од околу 6% за разлика од 2013 година. Податоците покажуваат и зголемни исплати на штетите.

„Не може да се очекуваат драматични промени или дуплирање на премијата и раст на довербата преку ноќ тоа е нешто што се гради, меѓутоа мораме да го истакнеме присуството на реномираните странски компании“, вели Зоран Стојановски, Агенција за супервизија на осигурување.

Годинава се очекува раздвижување и кај понудата на приватното здравствено осигурување. Лани за првпат се понудија вакви полиси.

Граѓаните се повеќе се информираат и за своите права. Во 2014 година до Агенцијата за супервизија на осигурување биле поднесени 149 претставки.

 

Сунчица Николоска