Лекарите апелираат- редовни контроли за здрави поколенија!
Трудница во текот на бременоста ниту еднаш не посетила гинеколог и родила бебе со редок синдром кое наликувало на жаба. Лекарите апелираат на редовни контроли за здрави поколенија...

Трудница во текот на бременоста ниту еднаш не посетила гинеколог, па пред шест месеци на скопската Клиниката за гинекологија и акушерство родила бебе со многу редок синдром. Лекарите велат плодот наликувал на жаба. Апелираат до идните мајки на контролирана бременост.
„Плодот беше со аномалии на кожата, односно мраморизирана кожа, дефект на коските на черепната шуплина и други аномалии“, изјави д-р Марија Хаџи Лега - директор на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
Од клиниката укажуваат и на друг проблем. Бројот на предвремено родени деца е во пораст. Најмалото преживеано бебе е родено со тежина од 750 грама. Отворен е специјален кабинет кој им дава можност на идните родители да остварат непосреден контакт со своето привремено родено дете.
„Кенгурирањето е заштита на недоносените деца преку воспоставување контакт кожа на кожа со мајката и таткото. Оваа нежна метода ги зближува и смирува родителите и новороденчето“, вели д-р Марија Хаџи Лега.
Во изминативе три години зголемен е бројот на породувања во оваа клиника. Во 2014-та година забележани се шест илјади породувања.
Андријана Атанасовска
