Груевски: Македонија знае да препознае разлика
„Нема да се уплашиме и да прифатиме дека со сечените, монтираните и креираните телефонски разговори треба да се повлечеме“ - порача премиерот Никола Груевски од последниот собир во Штип. Според него, без избори и народна волја, нема да му даде на соработникот на странските служби да раководи со државата...

Проектите и делата продолжуваат, а тоа никој не може да го спречи,одговори премиерот Груевски од вчерашниот собир во Штип на обвинувањата на опозицијата за наводно местење тендери и за големи провизии во договорите со странските инвеститори. Однесувањето на опозициската СДСМ јасно покажува дека тие се крајно исплашени, дека се конфузни, дека се во хаос, затоа што сфаќаат дека ова не им поминува и покрај како што рече Груевски, агресијата што ја демонстрираат.
Нема да се уплашиме и да прифатиме дека со сечените, монтираните и креираните телефонски разговори треба да се повлечеме и како што додаде Груевски, на соработникот на странските служби, без избори и народна волја да му ја дадеме државата да ја раководи со неа.
„Џабе пробуваш да не оттргнеш од проектите и делата. Не само што се градат три автопати истовремено, како никогаш досега, туку ќе се гради и четврт автопат во исто време, автопатот меѓу Гостивар и Кичево, затоа што тоа е иднината на нашата држава, голема инфраструктурна мрежа, патишта, автопати, водоводи, нови училишта, болници, тоа го правиме и ќе го правиме и никој нема да не запре“, рече премиерот Никола Груевски.
Груевски неколкупати потенцираше дека зад прислушувањето стои странска служба потпомогната од екс разузнавачот Верушевски,кој пак за големи суми пари врбувал лица нелегално да прислушуваат. На првоосомничениот Верушевски на последниот распит му биле предочени доказите. Надлежните институции во почетокот на истрагата објавија дека 5-то осомничениот Лазаревски на сметката имал огромни финансиски средства. Поседувал и 3 автомобили и стан од 110 квадратни метри во централното градско подрачје.
„Од првично направените проверки имотот на двајцата е несразмерно зголемен, односно досега направените анализи покажуваат дека станува збор за стотици илјади евра“, изјави помошникот министер за односи со јавност во МВР, Иво Котески.
Дел од медиумите објавија дека пари на сметките на семејството Лазаревски доаѓале и од странски фондации. На сметката на неговата сопругата месечно легнувале 2 до 3 илјади евра. За 4 години добила повеќе од 130 илјади евра. Во првата пресуда за „Пуч“ двајца од осомничените признаа дека вршеле нелегална активност под директива на Верушевски.
Милчо Велески
